Угандскиот тркач на долги патеки Џошуа Чептеги денеска на атлетскиот митинг во Валенсија ќе го нападне долговечниот светски рекорд на 10.000 метри што го држи Етиопќанецот Кенениса Бекеле.

Чептеги, кој е светски првак на 10.000 метри, во август годинава веќе му го „одзеде“ на Бекеле светскиот рекорд на 5.000 метри, а денеска истото планира да го направи и на двојно подолгата патека.

„Поради коронавирусот оваа година не успеав да добијам ниту еден медал, па затоа е најдобро да се посветам на соборување рекорди“, изјави Чептеги.

Тој на стадионот Турија во Валенсија ќе го брка митскиот рекорд на Бекеле од 26 август 2005-та година со време 26:17:53 минути.