Градоначалникот на Град Скопје информира дека и доделил награда од 100.000 денари на македонската атлатичарка Дрита Исљами по нејзиниот голем успех на Европското првенство во Лимасол, Кипар.

„На мое големо задоволство денеска се сретнав со македонската атлетичарка, Дрита Исљами, која по втор пат во последните три недели го собори државниот рекорд во дисциплината 400 метри со пречки. Исљами на првиот ден од Европското екипно првенство во Лимасол ја истрча патеката во време од нов македонски рекорд од 57.53 секунди и го освои првото место“– напиша Шилегов на Фејсбук.

Вели дека е оваа поддршка е продолжение на поддршката која Град Скопје ја дава на спортот во главниот град.

„Со Програмата за активностите во областа на спортот и младите во град Скопје, Градот Скопје редовно финансиски и логистички ги поддржува спортските клубови регистрирани на подрачјето на град Скопје, како што во овој случај е финансиската и логистичка поддршка неколку години наназад на Атлетскиот клуб Работнички од Скопје, во чии редови последниве години е постојан член наградената наша најдобра атлетичарка на кратки патеки Дрита Исљами, која достојно го презентираше градот Скопје и нашата држава, постигнувајќи го најголемиот успех во македонската атлетика, поставувајќи нов македонски рекорд во атлетската дисциплина спринт на 400 метри со пречки со време 57,53 секунди, со што е највреден резултат во последните 20 години“– пишува Шилегов.