Во главниот град на Македонија во недела ќе се одржи 16-тото издание на Скопскиот Виз Ер маратон.

Директорот на настанот, Кире Синадиновски денеска потврди дека ќе учествуваат 1500 натпреварувачи во трите дисциплини, маратон, полумаратон и штафетна трка. Нема да има атлетичари од Африка, само од Европа.

„Очекувам квалитетна трка и покрај тоа што ќе ги нема натпреварувачите од Африка. Јас лично очекувам подобрување на резултатот и одбрана на титулата македонски шампион“ – изјави нашиот атлетичар Александар Кираџиев.

Годинава стартот и целта се поместени, ќе се тргнува и завршува пред СЦ „Борис Трајковски“.

„Во организацијата на маратонот вклучени се професионалци и волонтери што се грижат маратонот да помине во најдобар ред и покрај отежнувачките околности, за што сакам од срце да им се заблагодарам. Градот Скопје како и секогаш, обезбеди логистичка и финансиска поддршка за потребите на организацијата. Јавни претпријатија на Градот имаа задача да се погрижат за состојбата и безбедноста на патеката долга 42.195 метри.“– изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Натпреварувачите на стартот ќе носат маски а ќе тргнуваат по групи од пет на секој десет секунди. Маската ќе мора да ја носат и пред пристигнувањето на целта.