Американската спринтерка Алисон Феликс влезе во историјата на СП откако го собори рекордот на Јусеин Болт во освоени златни медали. Ова за Феликс беше 12 со што ја потврди својата класа.

Триесет и тригодишната Феликс беше дел од мешаната американска штафета која славеше на трката на 4х400 метри на Светското првенство во Доха, цели 14 години откако го освои своето прво злато во Хелсинки. Таа веќе важеше за една од најуспешните атлетичарки на сите времиња, со девет олимписки медали, од кои шест златни и вкупно 17 од светските првенства.

Овој подвиг на Феликс има и поголема тежина, ако се знае дека за неа ова е прва сезона, откако стана мајка поради што отсуствуваше од патеките.  Минатиот ноември, на Феликс ѝ беше дијагностицирана прееклампсија, па мораше да ја роди ќерката во 32. недела од бременоста. Феликс потврди дека ќе биде дел и од своите петти Олимписки игри наредното лето во Токио каде може да ги подобри своите рекорди.