Себастијан Кое одново е избран за претседател на Меѓународната асоцијација на атлетски федерации  на конгресот кој беше одржан во Доха, пред почетокот на Светското првенство во Катар, јави „Би-би-си“. Двојниот олимписки шампион на 1.500 метри првпат беше избран за прв човек на светската атлетика во 2015 година. Тој е шестиот претседател на ИААФ.

Колумбијката Ксимена Рестрепо ќе влезе во историјата, откако за прв пат една жена е избрана за потпретседателка на ИААФ. Таа го освои првиот олимписки медал во атлетика за таа земја кога го освои третото место на 400 метри на Игрите во Барселона во 1992 година.

За време на неговиот прв мандат, Кое ја посети Македонија, на 70-годишнината од основањето на Атлетската федерација на Македонија. Кое беше претседател на Организацискиот комитет на Летните олимписки и параолимписки игри во Лондон во 2012 година.

За време на атлетската кариера, тој постави 12 светски рекорди, на Летните олимписки игри во 1980 година во Москва освои злато на 1.500 метри и сребро на 800 метри, а тоа го повтори и на Игрите во 1984 година во Лос Анџелес.