Јужноафриканската атлетичарка Кастер Семења истакнува дека нема да ја брани титулата на 800 метри на Светското првенство во Доха, по неуспехот во жалбената постапка за правилата на Меѓународната атлетска федерација (ИААФ) за намалување на нивото на природниот тестостерон.

Семења посочила дека ќе продолжи да се бори за човековите права, иако е разочарана. Таа во дванаврати се жалеше на правилата на ИААФ, кои ја спречуваат да се натпреварува без употреба на лекови за намалување на тестостеронот.

Според овие правила, атлетичарките со природно висок тестостерон треба преку терапија да го намалат истиот за да може да се натпреваруваат во дисциплините од 400 метри до една милја. Во спротивно, мора да ја сменат дисциплината или да се натпреваруваат против мажи.

Таа можеше да се натпреварува досега бидејќи новите правила беа суспендирани за време на жалбениот процес, но сега не може да учествува.

Семења и нејзиниот адвокат најавија дека ќе ја продолжат битката за правата на спортистките.