Јован Стојоски ќе биде единствениот македонски претставник на претстојното 17-то Светско првенство  во атлетика, во Доха, Катар.

Планетарниот настан започнува во петок, а Стојоски првпат ќе настапи на едно СП, во дисциплината 400 метри, во која неговото најдобро време изнесува 46,92 секунди забелeжaно во јуни годинава во Охрид.

Рекордот на Македонија во оваа дисциплина е на покојниот Исмаил Мачев, 46,27 секунди, постигнат на Медитеранските игри во Казабланка, Мароко, во 1983 година.

„Не сакам да си создавам таков вид притисок. Но сигурно е дека еден ден ќе го соборам и тој рекорд. На СП ќе трчам со најдобрите на светот во оваа дисциплина, ќе уживам и ќе се обидам да забележам што е можно подобро време. Сезонава беше долга, напорна, врвот на формата ми беше на ЕП до 23 години во Шведска во јули, но СП е најголемото атлетско натпреварување и ќе бидам супермотивиран. Фаворити за освојување на медалите, во отсуство на Ван Ниекерк, ќе бидат четворицата Американци, кои трчаат побрзо од 44 секунди“ – вели Стојоски.