Пријавувањето на сите заинтересирани за настап во трката во планинско трчање Охрид Ултра-Треил®  е започнато и ќе трае до 7 септември, соопштија организаторите.

Заинтересираните своето учество можат да хо пријавуваат на вебсајтот на настанот www.ohridtrail.mk. До првата половина на следниот месец.

Директорот на настанот Дејан Крле наведе дека годинава новина е трката од 107 километри.

„Ова е второ издание на Охрид Ултра-Треил® кое го сочинуваат 3 планински трки со различни должини од 18км, 66км, а новина е трката од 107 км што ја сместува во „посебната“ група на спортски настани со ултра-дистанци привлекувајќи професионални планински тркачи од цела Европа воедно поттикнувајќи ги домашните натпреварувачи да постигнат значаен меѓународен успех“,посочи Крле.

Второто издание на трката ќе се одржи од 18-20 септември во Националниот Парк Галичица, Преспанско-Охридскиот регион.

„Стотката“, како што планинските тркачи ја нарекуваат жаргонски, започнува од Кејот Македонија во центарот на Охрид, во 23 часот на 18 септември, петок.

Натпреварувачите втрчуваат во оваа авантура најпрво низ стариот дел на градот – варошот, преку Самоиловата тврдина па покрај туристичкиот симбол на нашата земја – Канео. Потоа, во текот на ноќта минуваат по макадамски патишта во пониските делови на планината Галичица низ сите села и населби кон живописниот манастир Св.Наум на јужната страна на брегот од Охридското Езеро.

Таму, во рана зора, на 19 септември, на изворите на реката Црн Дрим, им се придружуваат учесниците кои стартуваат на втората трка „Галичица Ултра“ од 66 км. Заедничката маршрута го следи главното било во срцето на Националниот Парк Галичица, откривајќи чудесни пејсажи кон двете езера Преспанското и Охридското – истовремено. Третата трка – „Летница Треил“ – стартува во 10 часот во сабота на 19 септември од селото Рамне и е со должина од 18 км. Маршрутите на сите трки се соединуваат над селото Велестово и сите планински тркачи пристигнуваат, еден по друг, во текот на целиот ден, на целта во Охрид на Кејот Македонија.

Охрид Ултра-Треил® е меѓународна планинска трка која каде сите кои ќе ја завршат се стекнуваат со квалификациски поени за најпозната светска трка во планинско трчање „Ultra Trail du Mont Blanc®“ на Алпите.