Игор Иџе Стефановски ја демантираше објавата на Агенцијата за млади и спорт во која се тврди дека минатата година добил 8.5 милиони денари како и дека оваа година добил ваучер во висина од 500 000 денари.

Ова доаѓа по известувањето од АМС кое беше предизвикано од денешната објава на Стефановски на социјалните мрежи.

Соопштението на Игор Иџе Стефановски Ви го пренесуваме во целост:

„Почитувани❗️❗️Агенција за млади и спорт / Agency of youth and sport

Јас сум спортист и секогаш сакам фер игра. Би сакал да нагласам дека неточен е податокот дека во 2018 година од буџетот на АМС ми биле доделени 8,5 милиони денари, исто како што е целосна невистина тврдењето дека во 2019 година ми бил доделен ваучер во износ од 500.000 денари.

Уште поразочарувачки и тенденциозно делува напишаниот факт дека од 2018 година ми се исплаќал паричен надоместок за стекната категорија – стипендија од Светска категорија во висина од 2 просечни плати, небаре станува збор за награда која АМС ми ја доделува тукутака, а не е тоа легално стекната стипендија врз основа на постигнати резултати на меѓународен спортски план.

Како и да е, деновиве ќе имам прес-конференција на која ќе ги обелоденам сите информации за оваа натпреварувачка сезона и за односот на АМС кон мене и мојот тим во изминатава година, а за да нема никакви заблуди и ширење на ноторни невистини јавно ги поканувам челниците и одговорните во АМС да присуствуваат на овој прес и лично да ги соочиме аргументите“