Фабио Куартараро ја обележа последната третина од Мото ГП шампионатот. Тој ја освои својата четврта полпозиција за сезонава на трката за големата награда на Тајланд и покрај тоа што падна во неговиот последен круг.

Французинот заврши на врвот на квалификациите со рекорден брз круг за тајландската писта. Лидерот во генералниот пласман во МотоГП, Марк Маркез и ветеранот Валентино Роси паднаа на истото место од патеката,  кривината број 5.

Зад него од втората позиција на стартот во недела ќе се најде уште еден пилот на Јамаха – Маверик Винаљес. Трет ќе биде Маркез, додека четврт ќе стартува уште една Јамаха, онаа на Франко Морбидели. На петто, шесто и седмо место ќе стартуваат тројца пилоти со Дукати – Данило Петручи, Џек Милер и Андреа Довициозо.

Жоан Мир со Сузуки го обезбеди осмото место, а Роси ќе треба да се помири со деветтото, заради инцидентот што го претрпе. Топ 10 е надополнет со вториот пилот на Сузуки, Алекс Ринс.

Во генералниот пласман Маркез е пред освојување на уште една титула, а за такво нешто му се потребни уште два поени на утрешната трка.