Актуелниот шампион во Мото ГП класата, Марк Маркез член на Хонда,  повторно беше опериран откако се откри дека титаниумската плочка која се користеше за фиксирање на надлактицата е оштетена.

Маркез беше опериран на 21. јули откако доживеа скршеница по падот на патеката во Херез. Шпанецот мораше повторно да оди на операција, а медиумите шпекулираа дека  Маркез по ризокот кој го прифати да вози на трка само четири дена по операцијата, сега го плаќа цехот за оваа избрзана одлука.

Шпанецот поради повреда не настапи на  последните две трки и требаше да се врати на патеката во Брно на 9. август, но поради втората операција ќе ги пропушти натпреварите во Чешка.