Германскиот возач Мик Шумахер следниот месец во Хокенхајм ќе го вози болидот на Ферари со кој неговиот татко Михаел во 2004 година ја освои рекордната седма титула во Ф1.

Како што денес соопштија организаторите, Мик викендот на 27 и 28 јули на Големата награда на Германија ќе го вози болидот на неговиот татко F2004, пред квалификациите во сабота.

Мик Шумахер ќе се натпреварува во Формула 2 за екипата Прима Рејсинг и е дел од возачката академија на Ферари.

Михаел Шумахер е рекордер во Формула 1 со седум титули и 91 победа од кои четири ги оствари во Хокенхајм.

„Ќе биде емотивен момент да се види Мик зад воланот на болидот кој има толку многу спомени. F2004 беше фантастичен болид, оствари 15 победи.“ – истакна извршниот директор на Ф1, Рос Браун.