Со трансферот на Карлос Саинц во Ферари, се стекнува чувство дека момците од Маранело имаат јасна визија кон кој правец ќе се движат во иднина.

Искусниот Флавио Бријаторе смета дека со доаѓањето на Саинц во гаражата на Ферари, јасно ставиле до знаење од италијанскиот тим, дека носат возач број 2, кој ќе му биде десна рака и помош на амбициозниот Шарл Леклер, кој минатата сезона покажа завидни перформанси и шампионски потенцијал.

„Очигледно дека Ферари е целосно на страната на Шарл Леклер. За мене рецепт за успех е секогаш да имате возач број 1, или возач кој ќе оди на титула, и возач кој ќе собира поени од конкуренцијата.“- истакна Бријаторе за Газета дело Спорт.

Низ годините во Ф1, Ферари ја имаше таа традиција да форсира еден возач, што беше случај со Михаел Шумахер, кога во низа жртви му беа Еди Ирвајн и Рубенс Баричело.