Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски и заменикот директор Авни Рустеми,  денеска организираше прием на претставниците на Боксерската федерација на Македонија, претседателот Примислав Димовски, боксерот Ардијан Аземи кој освои бронза на Европското првенство за младинци во Будва и неговиот тренер Насер Харуни.

„Паузата во освојување на европски одличја е навистина долга, и од таа причина бронзата на Ардијан Аземи влева надеж за враќање на боксот онаму каде што му е вистинското место, на врвот на спортовите во нашата земја, а неговите 17 години се доказ дека популарноста на боксот се враќа кај младите“ истакна Мојсовски.

 

Стипендистот на АМС Аријан Аземи изрази благодарност до Агенцијата за млади и спорт, членовите на стручниот штаб, потенцирајќи дека освоениот медал е мотив повеќе за понатамошна посветеност, која ќе биде ставена на тест на претстојното светско првенство закажано за Април 2021 во Киелце.

„Иако боксот во државава имаше поддршка во изминатиов период, резултатите изостануваа, и од таа причина сум посебно горд на освоениот медал на Аземи“ истакна Примислав Димовски, претседател на боксерската федерација.

 

 

Примислав Димовски додаде дека верува во континуирана успешна соработка и со новиот директор на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.