Претседателот на Боксерската федерација на Македонија, Примислав Димовски е горд што боксот повторно е на победнички патеки, медалот од младинското Европско првенство во Будва е показател дека овој спорт се враќа на местото каде што му припаѓа.

Димовски соопшти  дека Ардијан Аземи е  награден со 120.000 денари од федерацијата, паралелно со ова, парична награда е доделена и на тренерот Насер Харуни во висина од 60.000 денари за бронзата на ЕП во Будва.

Димовски  изрази задоволство од успехот на Аземи, наведувајќи дека станува збор за прв медал на македонскиот бокс од 1995 година.

 

„Драго ми е што имаме успех во боксот, по медалите во деведесетите години имавме голема пауза кога се успесите во прашање. По мојот медал во 1995 година, потоа на Чатлески, Гоергиески и Салиху, и оној историски во сениорска конкуренција на Вели Мумин, имаме прв медал од младинско европско првенство. Горди сме на овој успех среќни и радосни, ова е не само наш успех во федерацијата, ова е значаен момент за спортот во Македонија во моменти кога живееме во услови на пандемија. Ги наградивме Ардијан Аземи и Насер Харуни парично, медалистот Аземи со 120.000 денари, тренерот со 60.000 денари. Сакам да истакнам дека покрај нив на европското во Будва настапија и браќата Илхан и Ајхан Озмен и тренерот Васко Цубалевски, благодарни сме за се што направија во промоција на македонскиот бокс. Сакам да упатам посебна благодарност и до Алкалоид и господинот Живко Мукаетов кои го реализираа нашиот ваучер во услови на пандемија и го помогнаа боксот кога беше најпотребно“, изјави Димовски на прес конференцијата.