И покрај гласините последниве денови, Кристијано Роналдо следната сезона нема да се врати во Спортинг Лисабон, каде ја започна својата кариера.

Гласините ги почна неговата мајка Долорес Авеиро, која кажа дека ќе се обиде да го наговори на враќање во Лисабон, а ги прекина неговиот агент Жорге Мендеш.

Спортинг ја освои првата титула после 19 година и секако се квалификуваше во Лигата на шампионите, во која Роналдо со Јувентус може нема да игра следната сезона.

„Кристијано е горд на титулата која ја освои Спортинг и тоа јавно го демонстрираше, но неговите планови моментов не минуваат низ Португалија“– изјави Мендеш за португалски Рекорд.

Роналдо во младинскиот тим на Спортинг пристигна во 1997 година на само 12 години, а после првата сениорска сезона 2002/03 премина во Манчестер Јунајтед.

Вчера Роналдо на Инстаграм објави фотографија за одбележување на неговите 100 голови во Јувентус, а ја пропрати со порака дека нема да запре тука, најавувајќи дека и во иднина ќе стрела за Јувентус.

Јувентус на две кола пред крајот на Серија А е на петтата позиција и се бори за пласман во Лигата на шампионите.