Бруно Акраповиќ и официјално се врати во Шкендија по шест години пауза, тој делува мотивирано, да ги повтори одличните резултати кои ги имаше во својот прв мандат во Тетово.

„Доаѓам овде со позитивни импресии. Имам многу пријатели што ги оставив кога си заминав, сега се среќаваме повторно и задоволството е огромно. Позитивно сум расположен, гледам кон иднината и верувам дека Шкендија пак ќе победува. Мораме да ставиме акцент на мотивацијата на фудбалерите, на враќањето во посакуваниот ритам, да се покаже квалитетот што знам дека овие играчи го поседуваат. Оптимист сум дека ќе оставиме добар впечаток од самиот старт на сезоната и ќе ги задоволиме очекувањата на навивачите и на спонзорот“, изјави Акраповиќ непосредно откако стави параф на договорот со Шкендија.

Акраповиќ на клупата на Шкеднија доаѓа на местото на Ернест Ѓоќа, кој го плати данокот за летното европско фијаско на тетовци. Главната цел сега на Акраповиќ е шампионската тиула во домашниот шампионат, каде Шкеднија е бранител.

Хрватот потпиша договор на една година, а во зависност од успешноста на неговата работа, можно е продолжување за уште 12 месеци.

Тој веќе го избра и својот стручен стаб, асистенти ќе му бидат Бранко Окиќ и Ерхан Селими, тренер на голманите останува Куштрим Абдулаи, додека на кондицијата ќе продолжи да работи Метин Далип.