Еден од најперспективните и еден од најмладите фудбалски тренери во Македонија, Александар Таневски ќе седне на клупата на Академија Пандев, дознава Дриблинг.мк. 

Ова е изборот на управата на прволигашот од Струмица кој кратко беше во потрага по нов тренер по заминувањето на Југослав Транчовски.

Поранешниот предводник на Македонија ЃП, екипата која со Таневски избори европско лето и играше во финалето од Купот на Македонија, ќе потпише договор со Академија Пандев до крајот на оваа сезона. Соработката утре ќе биде официјализирана а Таневски ќе дебитира на кормилото на Академија Пандев во сабота на „Тодор Проески“ во натпревар против Работнички од ПМФЛ.

Академија Пандев утре го дочекува Шкупи во реваншот од четвртфиналето од Купот на Македонија и брани предност од 1:0. На овој меч на клупата на домаќинот ќе седи Тони Атанасов додека на спротивната страна, Шкупи ќе го предводи Мухамед Бајрами кој е привремено решение за Ќатип Османи. Новиот тренер на Академија Пандев овој натпревар ќе го проследи од трибините.

Таневски го очекува сериозна задача во Струмица, Академија Пандев по 21 коло во ПМФЛ е на петото место со скор од 7 победи, 7 нерешени и 7 порази со три бода помалку од третопласираниот Силекс.

Амбициите се пласман во европските купови, а во зависност од утрешниот епилог против Шкупи и шанса за одбрана на титулата во националниот Куп.

Во игра за менаџерското столче во Академија Пандев имало повеќе од десетина фудбалски имиња од Македонија меѓу кои се и Јане Николовски, Никола Илиевски – Џиџи и Влатко Костов.