По ремито во Велес против Борец (1:1), Александар Таневски поднесе оставка од позицијата шеф на стручниот штаб на Македонија ЃП. По повеќе од две години минати во Ѓорче Петров, Таневски тврди дека ситуацијата во која се наоѓа тимот и амбициите се главните прични за одлуката која денеска ја соопшти.

„Како тренер и спортска личност каква ме познаваат луѓето поврзани со фудбалот чувствувам морална одговорност за според мене не прифатливата моментална ситуација во која се наоѓа Македонија ЃП, таа не се совпаѓа со моите лични и амбициите на клубот. Поднесов неотповиклива оставка . Работев, посветено, искрено и чесно, секогаш подготвен за одговорност за сопствените дела. “ – изјави Таневски.

Таневски минатата година успеа да го однесе тимот во финалето од Купот на Македонија каде беше поразен од Академија Пандев по изведувањето на пеналите.

Ова лето Македонија ЃП играше и во квалификациите за пласман во групната фаза од Лига Европа но не успеа да оствари позначаен резултат откако беше елиминирана од Алашкерт во првото квалификациско коло.

„Сакам да се заблагодарам за довербата и условите за работа кои ми беа овозможени. Им посакувам на сите во клубот многу среќа во продолжението на првенството. Ќе бидам најсреќен ако моето заминување биде пресврт кон нови успеси кои клуб како МАКЕДОНИЈА ЃП ги заслужува.“ – додава Таневски.

Македонија ЃП по 14 одиграни кола во ПМФЛ е на шестото место со скор од четири победи шест нерешени и четири порази.

Во следното коло од ПМФЛ на 21 ноевмри, Македонија ЃП ќе го пречека Работнички.