Македонскиот репрезентативец Александар Трајковски нема иднина во Мајорка, зашто и втор меч по ред во новата сезона  сега во Ла Лига, не е ниту резерва, а тренерот Луис Гарсија му порача да си бара нов клуб во последните десетина дена од овој летен преоден рок.

Откако Трајковски дојде во Шпанија пред две лета како засилување во Мајорка, доби премалку шанса да игра, во првата сезона во Ла Лига, па лани во Сегунда, а и сега воопшто го нема меѓу играчите кои конкурираат за настап, а сето ова го става во теснец во пресрет на мундијалските квалификации, зашто може вопошто да не добие ни повик од новиот селектор Благоја Милевски.

„Трајковски е моја последна опција за нападот, а еден фудбалер мора да е среќен и затоа најдобро е да си најде нова средина каде што ќе може да се развива и да напредува“, вели Гарсија.

Македонскиот репрезентативец има севкупно 30 настапи за Мајорка досега во сите натпреварувања во изминатите две сезони.