Езгјан Алиоски, одличниот лев бек на нашата репрезентација верува дека Македонија може да се пласира и на Светското првенство во Катар, велејќи дека таа самодоверба ја носи големата победа над Германија.

Во интерјву за ФИФА, Алиоски вели дека сме подобри од Романија и Исланд како и другите тимови од нашата квалификациска група, освен Германија, па нормално е да пораснат амбициите и следниот чекор за Македонија да биде Светско првенство.

 „Како  секое дете кое го сака фудбалот, пораснав сонувајќи да играм на тие големи натпреварувања, Лигата на шампионите, Европско првенство и Светско првенство. И сега моите две големи цели се СП и Лигата на шампионите. Кога ја победивме Гермранија, почнавме да веруваме дека можеме да се пласираме на Светското првенство, според мене ние сме подобри од Романија, Исланд и другите тимови во нашата група. Па зошто да не? Пласман на СП дефинитивно е следниот чекор за Македонија“, вели Алиоски во интервју за „ФИФА“.

Алиоски потенцираше и дека верувале во изненадување против Германија.

 „Навистина мислевме дека можеме да ја изненадиме Германија. Во мечот влеговме со сета почит кон нив, знаејќи дека тие се четирикратен Светски шампион и сите нивни играчи се во топ клубови. Но знаевме дека и ние имаме играчи кои играат во топ клубови, на највисоко ниво. А и во минатото сме играле добро против големи селекции, пример 1-1 со Италија, па си помисливме, зошто не и Германија? Видовме дека тие имаа проблеми на претходните натпревари, па влеговме со голема самодоверба по резултат, најмалку нерешено. Иако тие имаа многу посед, не шутнаа многу пати во голот. Одигравме тактички навстина добро, се боревме како вистински тим, одигравме со многу карактер и срце и заслужено победивме“.