Наполи новата сезона во Серија А ќе ја отвори со гостувањето кај Фиорентина закажано за утревечер. По потврдата за трансферот на Лозано, тренерот на Наполи, Карло Анчелоти потврди дека апетитите се големи и со нетрпение го очекува стартот на сезоната.

„Се надевам дека оваа година ќе се бориме за титулата во Италија, иако многу клубови добро се засилија. Мислам дека пред нас е година на развој и верувам дека ќе бидеме подобри од минатата година.“ – изјави Анчелоти.

Според последните најави од Италија, нашиот репрезентетивец, Елиф Елмас ќе биде на клупата за резерви за утрешната пресметка со „виолетовите“ во чиј состав се очекува да дебитира Франк Рибери.

„Јас сум убеден во нашите квалитети и верувам дека сме посилни од лани. Потребно е само добро да соработуваме. Гледано во однос на предходно, трансфер пазарот е се потежок и за учество. Оваа година Серија А ќе биде со зголемена конкуренција. Тука се Јувентус и стабилниот Интер. Рома и Милан имаат нови тренери. Аталанта ја задржи структурата а не смееме да го заборавиме и Лацио. Сигурен сум дека ќе имаме силна конкуренција.“ – објаснува Анчелоти.

Минатата сезона Наполи на гостувањето кај Фиорентина освои бод, мечот заврши 0:0 а последен пат наполитенците славеа на „Артемио Франки“ во 2014 година со голот на Игуаин.