Додека јавноста е во исчекување на развојот на настаните со коронавирусот и прашањето дали воопшто ќе се одигра натпреварот меѓу Македонија и Косово во полуфиналето од Лигата на нации на УЕФА, селекторот Игор Ангеловски во изјава за медиумтие од Италија ја објасни положбата во која се наоѓа нашиот репрезентативец, Елиф Елмас.

„Често се слушам со Елмас, тој е малку испашен, сепак е младо момче. Тој е во Италија со неговото семејство, се сочуствува со Италијанците и се солидализира со целата земја. Во загрижувачка положба се.“ – изјави Ангеловски.

Според Ангeловски, повредата поради која Елмас пред неколку дена тренираше одвоено од првиот тим не е сериозна.

„Имаше мала повреда, се консултирав со медицинскиот тим на Наполи за да го не форсираат во овој период. Елиф ме увери дека ако се игра натпреварот со Косово ќе биде подготвен за настап, барем од физичка гледна точка.“ – вели Ангеловски.

Промената на тренерите во Наполи и доаѓањето на Гатузо влијаеше по играта на Елмас но сега работите се на свое место.

„Што го прави среќен во Наполи? Потребно му беше малку време со Гатузо но откако доби поддршка Елиф е среќен, многу среќен во овој период.“ – тврди Ангеловски.

Вчера беше официјално потвредено дека дуелот на Македонија и Косово ќе се игра без публика но во меѓувреме од ФФМ побараа средбата да биде одложена поради фактот што Елмас, Пандев и Несторовски не се во можност да дојдат во Македонија на 26 март поради карантинот во кој е цела Италија.