Селекторот на сениорска македонска фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски откри поради која причина Адис Јаховиќ не е дел од составот и како Дејан Кулушевски одлучи да игра за Шведска наместо за Македонија.

Ангеловски беше гостин во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа и одговори на повеќе прашања меѓу кои беа и оние за напаѓачите на Јувентус и на Анталијаспор.

„Дејан Кулушевски на 16 години и шест месеци настапи во селекцијата до 17 години. Во Охрид имав состанок со него и неговиот родител и дадов понуда да игра за Македонија. Во тој момент мислеше дека е некој несериозен предлог, но јас бев толку упорен што му кажав дека ќе ја испратам поканата до Аталанта за да игра за Македонија.Неговиот татко беше дециден дека сака да игра за У19-репрезентацијата на Шведска која тогаш се избори за пласман на Европско првенство и дека по тоа ЕП може да разговараме. Потоа имавме пак состанок, му гарантирав место во А-репрезентацијата, но добив одговор дека неговата одлука е да игра за Шведска“ – вели Ангеловски.

Јаховиќ е во одлична форма во Турција но и покрај ова не е дел од нашата селекција.

„Тој е фудбалер на кого јас како селектор му ја симнав суспензијата затоа што имаше инцидент кај претходните селектори, односно учествуваше во тепачка со Даниел Георгиевски и доби суспензија од тогашниот селектор. Јас како селектор ја симнав суспензијата и му дадов можност за поправен. Доби можност на натпреварите на кои сметав дека треба да добие и на натпреварот со Италија во Торино не влезе во игра, а потоа имавме меч со Лихтенштајн во Струмица. Пред мечот дојде кај мене и ми рече дека сака да ја напушти репрезентацијата затоа што мисли дека треба да се посвети на клупскиот фудбал и дека сака да го отстапи местото на помладите. Јас му кажав дека е рано за такво нешто и дека е потребен во репрезентацијата, но ако е тоа негова одлука, мислам дека е погрешна, ама дека ја почитувам. На натпреварот со Лихтенштајн дојде, а во 75. минута откако беа направени замените, своеволно ја напушти клупата и со родителот си замина за Скопје, па објави дека нема да игра за репрезентацијата.“- објасни Ангеловски.

Македонија на 12 ноември во Тбилиси ќе игра против Грузија во финалето од Лигата на нации, со победа ќе обезбеди учество на следното ЕП.