Македонската А фудбалска репрезентација некомплетна ќе го одработи единствениот тренинг во Скопје пред утрешното заминување за Израел. Пред сениорите е квалификацискиот двомеч на гостински терен кај Израел и Летонија.

Поради клупски обврски дел од нашите репрезентативеци утре ќе и се приклучат на селекцијата директно во Израел. Денешниот тренинг е закажан за 18:30 часот на тренинг -центарот Петар Милошевски.

Селекторот Игор Ангеловски потврди дека Аријан Адеми поради повреда можно е да не настапи на првиот натпревар.

„Го анализиравме Израел и имаме доволно време за да собереме што повеќе информации за нив. Нема да се предадеме се додека постојат шанси за да бидеме втори во групата, ние ќе се бориме за таа позиција. Не ни е сеедно на кое место ќе ги завршиме овие квалификациите. Неизвесен за настап единствено од повиканите е Адеми. Лекарскиот тим прави се, за да го врати во конкуренција“ – изјави селекторот Ангеловски.

Тој потврди дека на мала повреда се жали и Кире Марковски но не станува збор за ништо сериозно.

„По поразите од Полска и од Австрија сакаме да им се вратиме на победите. Оваа селекција ветува а досега покажа и квалитет. Нема да се браниме, ако бидеме фокусирани мислам дека нема да имаме проблеми. Ја сакаме победата но најважно е да се насочиме на нашата игра.“ – изјави нашиот репрезентативец, Бобан Николов.

Македонија со Израел ќе игра на 5 септември по што ќе  патува во Рига, таму ќе и гостува на Летонија во натпревар од шестото коло од квалификациите за пласман на ЕП во 2020 година.