Македонија поразена од Австрија во Виена со 2-1, за нашата репрезентација ова е четврти пораз во квалификациите за ЕП 2020.

Австрија ја заслужи победата, Македонија во овој пораз го доби Влатко Стојановски кој дебитираше со гол во националниот дрес.

„Се одигра квалитетен натпревар, Австрија доминираше во првиот дел, примивме гол кој не смеевме да го примиме. Во вториот дел се ослободивме од притисокот, имавме шанси за гол и одигравме добро. Сите покажаа дека се заслужено тука, не само Влатко Стојановски. Кога ќе загубиш натпревар не може да се биде задоволен, но сите дебитанти заслужено се најдоа на теренот “ – изјави Ангеловски.

Следно за Македонија е Израел во Скопје во вторник, сакаме победа за трето место во квалификациите.

„Трето место сите го посакуваме, играчите заслужија да бидат трети на крајот со победа над Израел. Се надевам дека кошмарот ќе заврши со повредените играчи. Трајковски и Младеновски се повредија. Се надевам дека со повратниците во тимот ќе бидеме подобри. Пандев беше истоштен, мислам дека немаше потреба да ризикуваме, сите што одиграа коректно си ја завршија задачата, не е сеедно дали се трет или четврти, но ние се подговуваме за март и пласман на ЕУРО 2020 и тоа ќе биде награда за играчите“ – заврши  селекторот Ангеловски.

Пласманот на ЕУРО 2020, нашата репрезентација ќе го бара преку полуфиналето против Косово во Лигата на Нации на УЕФА.