Иако во летниот преоден рок Манчестер Јунајтед не успеа да го донесе во тимот Џејдон Санчо, не се откажува од него. Според некои информации, „Црвените ѓаволи“ ќе се обидат да го донесат на „Олд Трафорд“ во јануарскиот рок.

Преминувањето од Сити во Борусија Дортмунд како 17 годишник се покажа како вистински избор. Тој набрзо стана еден од најдобрите играчи во тимот, а важи и за еден од најдобрите млади фудбалери во светот.

Овој крилен напаѓач неодамна постигна нов договор со Борусија, а со бонусите ќе заработува над 200.000 евра неделно.

Многумина сметаат дека благодарение на својата брзина и вештина со топката, Санчо би бил идеален за Јунајтед. Медиумите од Островото пишуваат дека челниците на „Црвените ѓаволи“ во договор со менаџерот Оле Гунар Солскјер одлучиле купувањето на Санчо во зимскиот преоден рок да им биде приоритет бидејќи веруваат дека тој може многу да придонесе за екипата.