Францускиот фудбалски репрезентативец Карим Бензема нема да биде исклучен од националниот тим во случај на евентуална казна за учество во уцени на соиграчите.

Ова го потврди претседателот на Фудбалскиот сојуз на Франција, Ноел Ле Гре.

„Селекторот е секогаш одговорен за репрезентацијата, а Бензема нема да биде исклучен во врска со евентуална судска казна. Дури и да биде осуден на условна затворска казна, тој сепак има право да се жали на пресудата. Негов повик или не во наредните месеци нема да биде поврзан со овој случај“, изјави Ле Гре во интервју за весникот „Паризиен“.

Фудбалерот на Реал Мадрид е обвинет за соучесништво во обид да го уценува својот поранешен соиграч од француската репрезентација, Метју Валбуена.

Во 2015 година, Бензема наводно вршел притисок врз Валбуена да им плати на уценувачите, кои се заканувале дека ќе го објават неговото видео со сексуална содржина.

„Никогаш нема да интервенирам да кажам дека не го викаме во тимот. После тоа, на (селекторот) Дидие Дешам е да размисли дали Бензема е способен да игра за репрезентацијата на спортски план“, додаде Ле Гре. .

Бензема во националниот тим се врати минатиот мај по пауза од пет години, а досега одигра 92 натпревари и постигна 33 гола.

Судот во Версај ќе донесе пресуда на 24 ноември. Обвинителот побара Бензема да биде казнет со 75.000 евра и условна казна од 10 месеци затвор доколку биде прогласен за виновен.