Порака со благодарност до здравствените работници и сите други вклучени во борбата против корона вирусот ќе биде испишана на дресовите во Лигата на шампиони и Лигата на Европа, кои по четиримесечна пауза продолжуват од оваа среда, а сите натпревари ке почнат со минута молчење во спомен на жртвите на КОВИД 19.

Европската куќа на фудбалот (УЕФА) соопшти дека секоја од екипите во ЛШ на ЛЕ на своите дресови ќе носи порака со зборот “Благодарам“ испишан на јазикот, кој секоја од екипите индивидуално ќе го одбере.

Покрај тоа, за време на одигрувањето на натпреварите под закрила на УЕФА ќе бидат емитувани и кратки тв спотови во кои фудбалери од екипите во машката и женската Лига на шампиони, како и Лигата на Европа, лично ќе изразат благодарност до лекарите и сите други од првата линија на фронтот во борбата против корона вирусот.

„Воодушевен сум што нашите натпреварувања се вратија, но ние не смееме да ги заборавиме луѓето, кои со својата посветеност и лични жртви ни овозможија повторно да можеме да играме фудбал“, изјави претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.