Жозе Мурињо две недели откако доби отказ од Тотенхем експресно се враќа на тренерското столче и тоа на клупата на Рома.

„Специјалниот“ се враќа во Италија каде го достигна врвот на тренерската кариера. Тој со Интер и нашиот Горан Пандев во тимот, во сезоната 2009/10 ја освои триплетата што е најголемиот успех, не само во неговата кариера, туку и во клупската историја на „Нероазурите“.

Спортскиот директор на Рома, Тијаго Пинто за „Тутоспорт“ објасни зошто римскиот клуб го доведе Португалецот.

„Кога ни се укажа шанса да го доведеме Жозе, не чекавме ниту момент. Веднаш ја искористивме шансата и разговаравме со еден од најдобрите тренери на сите времиња“, изјави Пинто и додаде:

„Не импресионираше неговата желба за победи и страста кон фудбалската игра. Во кариерата освои толку многу трофеи, но фасцинантно е колку не му е гајле за тоа што се случило во минатото. Секогаш е фокусиран само за следниот трофеј. Има знаење, искуство и знае како да ја води екипата во сите натпреварувања. Свесни сме колку време, трпение и вистински луѓе се потребни на вистинското место за да можеме да изградиме успешен спортски проект. Цврсто сме уверени дека Жозе ќе биде совршен тренер за нашиот проект, и краткорочно и долгорочно. Заедно, со визијата и амбицијата на Ден и Рајан, ќе изградиме темели на нова и успешна Рома“, заклучи тој.

Мурињо исто така излезе со изјава откако беше именуван за прв тренер на „волчицата“.

„Му благодарам на семејството Фридкин што ме избра мене да го водам овој голем клуб и да бидам дел од неговата визија. По првиот состанок го сфатив целиот обем на амбициите на клубот, кои се совпаѓаат со моите“, изјави Мурињо.