Фудбалската репрезентација на Италија  не успеа директно да се пласира на Светското првенство во Катар. Таа со ремито во Северна Ирска во последното коло и го препушти врвот на табелата на Швајцарија, па своето место на турнирот ќе го бара во многу тежок и незгоден плеј-оф формат.

Еден од најголемите проблеми на актуелниот европски шампион е реализацијата. Тоа го призна и Андреа Белоти кој за тамошните медиуми изјави:

„Неприфатливо е толку да ни недостига. Ние напаѓачите сме најмногу виновни за тоа што се случи. Да бевме малку подобри немаше да ги има овие проблеми. “

Интересно решение за овие проблеми понуди Енок Балотели, братот на многу попознатиот Марио.

“Со сета почит кон Италија, ние не сме репрезентација која има богата селекција во нападот како Франција. Ги имаат Жиру, Бензема и Мбапе. Во таа смисла не треба да се занемари мојот брат кој барем треба да се најде на поширокиот список “, започна Енок за Нотизие, а потоа продолжи: “Не го разбирам Манчини. Не разбирам како Марио може да биде дома. Можеби нема врвна статистика во различни клубови, но отсекогаш бил одличен во националниот тим. “

“Знам дека не го прави она што го прават Белоти и Имобиле. Тој не е тип кој работи за тимот, но има други доблести и може да измисли гол од ништо. Тој би бил идеален за овој тим”, додаде  братот на поранешниот на напаѓачот на Интер и Манчестер Сити.

„Разочарувачки е што луѓето кај Марио никогаш не гледаат што носи на теренот, туку само што се случува надвор од теренот. Тој ја сака репрезентацијата неописливо, но не играл таму четири години иако постигна повеќе голови од некои кои добија покани“, заклучи тој.

Марио Балотели денеска полни 31 година. Тој настапува во Адана, Турција, а сезонава на 13 официјални настапи постигна пет гола и додаде две асистенции.