Фудбалскиот клуб Брегалница и официјално доби нов сопственик откако Кирил Гогов, сопственикот на Кит Го го презема мнозинскиот пакет на акции на штипскиот клуб, со што Брегалница во новата сезона ќе влезе со највисоки амбиции да се врати во прволигашката елита.

Откако Советот на општина Штип пред повеќе од еден месец објави дека Брегалница ќе се продава, денеска и официјално е завршена продажбата на клубот, а Гогов како единствен кој се јави на повикот за продажба ќе добие 51 отсто од акциите, додека останатите 49 остануваат во сопственост на општината.

Успешно е реализирана одлуката на советот на општината за продажба на Брегалница. На јавниот повик имаше само еден кандидат, Кирил Гогов и тој е нов сопственик на клубот. Брегалница во иднина ќе постигнува успешни резултати и ќе биде гордост на градот. Јас верувам во новиот сопственик дека Брегалница ќе остане бренд и дека на 100-годишнината за две години ќе славиме излез во Европа. Гогов е успешен бизнисмен и неслучајно минатата година беше прогласен за најдобар спортски работник. Општина Штип и понатаму ќе дава поддршка на Брегалница“, рече Благој Бочварски, градоначалникот на општина Штип.

„Сакам Брегалница да биде организиран клуб, да има успешни резултати и сите да се гордееме. Политиката да ја оставиме на страна и јас ќе направам сѐ за Брегалница да биде член на елитното друштво. Потоа ќе разговараме и за нешто повеќе“, потенцира Гогов на официјалната промоција.