Немилите сцени кои денеска се топ тема во македонскиот фудбал од Штип придонесоа повеќе организации и клубови да реагираат по физичката пресметка меѓу навивачите на Брегалницата и на Тиквеш.

По ФФМ со реакција се огласи и клубот од Штип:

„ФК Брегалница изразува жалење за несаканиот инцидент кој се случи меѓу дел од навивачите на Брегалница и Тиквеш во пресрет на денешниот дерби натпревар од 14. коло во Втората лига – Исток.

Несаканите сцени апсолутно не се во согласност со начелата кон кои тежнее ФК Брегалница како клуб кој е максимално посветен на определбата за исфрлање на насилството од терените и надвор од нив, и вистински спортски пријател со сите фудбалски чинители во Македонија. Отворено го искажуваме нашиот став за осуда на таквите случувања кои, секако, од ниту еден аспект не може да се поддржат и оправдаат, а кои единствено нанесуваат штета на фудбалот воопшто.

Испраќаме силна порака за максимално фер и коректно навивање и во иднина, како единствен начин за спречување на сите немили сцени, како оние денешните, на и околу нашите фудбалски стадиони. Па, заедно со сите наши поддржувачи и навивачи, ФК Брегалница да биде вистинскиот пример-двигател за промоцијата на спортот во регионот и во Македонија.“ – велат од ФК Брегалница.