Македонската фудбалска репрезентација со победа го заврши настапот на меѓународниот пријателски турнир во Анталија, откако славеше со 5:1 против Бугарија.

Капитенот на Македонија, Дарко Чурлинов по мечот посочи дека оваа селекција функционира како едно а во голема мера за успехот е заслужен селекторот Благоја Милевски.

„Одигравме три добри и тешки натпревари, полека но сигурно влегуваме во посакуваната форма. Од меч во меч игравме се подобро, што резултираше на крајот со убедлива победа над Бугарија. На првата средба против Казахстан имавме малку потешкотии и неколку грешки , но тоа го поправивме на следните натпревари. Лично сум задоволен од тоа што го покажав во овие три натпревари, секогаш е чест да се носи дресот со државен грб. Тука се и моите соиграчи кои ми помагаат многу, сепак фудбалот е колективна игра и за успех не е доволен само еден играч. Имаме одлична атмосфера во репрезентацијата, односот со селекторот е на едно високо ниво, секогаш треба да се слуша и почитува неговиот збор. Оваа репрезентација има квалитет и се надевам дека сите заедно во иднина ќе можеме да се радуваме на многу победи.“ – изјави Дарко Чурлинов.

Меѓународниот контролен турнир во Анталија, нашата селекција го заврши со по една победа, пораз и нерешено. Пораз од Казахстан со 2:1,нерешено 2:2 против Словачка, и убедлива победа од 5:1 притив Бугарија.