Македонската млада фудбалска репрезентација на 10. септември ќе игра со Фарски Острови, прв меч во овој квалфикациски циклус.

Оваа генерација на играчи, предводена од Благоја Милевски има за цел да игра добар фудбал и на победа на секој натпревар без оглед за кој и каков противник станува збор.

Во селекцијата до 21 година се наоѓа  и играчот на Келн, Дарко Чурлинов, тој има само 19 години, има настап и за А-селекцијата а сега ќе настапи за малдинската.

„Нема лесни противници, секој натпревар е нов предизвик, сакаме победа против Фарски Острови и ќе направиме се да дојдеме до позитивен резултат. Нема да биде лесно иако според името на противникот сите очекуваат дека треба да биде ова рутинска средба. Ние ќе се подготвиме добро со селекторот Милевски и се надевам на три бода“ – изјави Чурлинов.

Младинскиот репрезентативец игра добро кај Келн, постигна два гола на последниот натпревар за тимот до 21 година против Ахен, нема проблеми да игра во сите селекции.

„Јас сум веќе професионалец, каде ќе ми кажат таму ќе играм, мое е да дадам се од себе  и да постигнувам голови но и да играм тимски, без разлика за која категорија станува збор. Во Келн добив шанса во сите категории, исто е и со репрезентацијата, јас сакам да играм, сакам да победувам и не важно за која возрасна категорија играм, мое е да бидам секогаш најдобар на секој натпревар“ – изјави Чурлинов за дриблинг.

Чурлинов ќе биде големо засилување во составот на Благоја Милевски против Фарски Острови на 10. септември во Скопје.