Македонската репрезентација до 21 година во Подгорица се подготвува за натпреварот против Црна Гора од квалификациите за Европското првенство 2021 година.

Младите фудбалери имаа старт од соништата, откако во првото коло ја декласираа селекцијата на Фарски Острови со 7-1. Оваа победа дава мотив плус да се надеваме дека нашата репрезентација ќе ја продолжи победничката низа и по натпреварот на „ДГ“ арена во главниот град на Црна Гора.

Капитенот Јани Атанасов и напаѓачот Дарко Чурлинов велат дека овој дуел мора да се сфати максимално сериозно и целосно фокусирани на нашата игра.

„Подготовките се одвиваат во најдобар ред. Најважно е што сите сме здрави, нема повредени и максимално сме посветени на тренинзите и исполнувањето на задачите од стручниот штаб. Би било идеално доколку со победа на гостински терен ги продолжиме квалификациите и ќе дадеме сѐ од себе тоа да го постигнеме. Треба да покажеме карактер и да го искористиме секој момент што како шанса ќе ни се укаже. Црна Гора е квалитетна репрезентација, доволно се познаваме, јасно ни е дека на домашен со ниту една селекција не е лесно, но ние имаме цел да победиме и се надевам дека тимски во тоа и ќе успееме.“ –  изјави Јани Атанасов.

„Напорно се подготвуваме за двата натпревари кои ни следуваат, а посебно за дуелот со Црна Гора кој не очекува в четврток. Противникот е квалитетен, но сметам дека не е посилен од македонската репрезентација. Треба да одиграме „машки“ и многу фокусирано на секој дел од теренот. Иако отворивме во квалификациите со убедлива победа, сепак, имавме некои грешки и на тој натпревар што против Црна Гора не смееме да ги повториме. Битно е да одиграме како тим и сите заеднички да придонесеме во играта за да успееме да запишеме три бода“изјави Дарко Чурлинов.

Денеска македонската репрезентација ќе тренира од 16:00 часот, а официјалниот тренинг е утре од 17:00 часот.  Дуелот со Црна Гора се игра на 10. октомври во 17:00 часот.