Белградска Црвена Ѕвезда одигра 0-0 на гостувањето кај Судува во првиот квалификациски натпревар за Лигата на шампиони. Српскиот шампион ја имаше контролата во текот на целиот меч, но не успеа да ја смести топката во мрежата на домаќините.

Марко Марин беше најрасположен кај црвено-белите, но приликите кои германецот ги создаде не ги искористија неговите соиграчи. Ниту домаќините не беа наивни во вториот дел, имаа две прилики да дојдат до водство, но на крајот резултатот остана оној почетниот.

Во останатите натпревари кои се одиграа вечерва, Селтик дојде до значајна победа на гостувањето кај Сараево со 1-3, иако шкотскиот шампион губеше со 1-0 дојде до убедлив пресврт. Од друга страна, косовскиот шампион Фероникели се избори за 2-2 на гостински терен против велшки ТНС. Овој резултат добива уште повеќе на значење за Фероникели, со оглед на тоа што резултатот беше 2-0 за домаќините до 89-тата минута.