Стоперот на македонската репрезентација, Дарко Велковски, ги мина комплетните подготовки со Риека пред продолжението на сезоната.

Велковски за 1,5 година минати во Риека настапи на само 14 средби во дресот на Риека и во игра мина само 916 минути.

Бројните повреди го спречија Македонецот да ги покаже своите квалитети, но тој смета дека сега е подготвен и дека повредите се минато.

„Имав многу малери во изминатиот период, но сега – да чукнам на дрво – се е во ред и јас сум задоволен, ги минав комплетните подготовки, така да не би сакал повеќе да зборувам за повредите.

Не знам и што би рекол друго на оваа тема. Ми одат на нерви приказните за моите повреди, кои го одбелажаа мојот престој во Риека. Знам дека тоа не може да се избрише, но подобро е да не се споменуваат, бидејќи мене ми е најтешко, верувајте. Можеби понекогаш прерано се враќав по повредите, можеби не требаше да настапам на некои од натпреварите за македонската репрезентација, бидејќи не бев во добар ритам, ама верувам дека сето тоа ќе се промени во пролетниот дел од сезоната“, изјави Велковски за Нови лист.