Фудбалерите на Работнички осовија бод на гостувањето кај Шкендија во 10 коло од ПМФЛ и се задржија на средната од првенствата табела.

Тренерот на „Романтичарите“ Ратко Достаниќ беше задоволен од играта и резултатот иако неговите фудбалери од поодамна немаат победа во домашното првенство.

„Одигравме добар меч, посебно во второто полувреме во Тетово. Во првиот дел имаше и одредени грешки, дозволивме Шкендија брзо да поведе, можеа дури и да го заокружат мечот. Но, се вративме многу подобри во второто полувреме, во одредени сегменти од натпреварот бевме и подобар ривал, постигнавме гол за израмнување, а можеби и офсајд позицијата при вториот гол не постоеше. Но, задоволен сум, пред се од изданието, а секако и од освоениот бод. Малку екипи можат да освојат бод против Шкендија на гости, сега треба да се потрудиме да ја одржиме константноста и да се претставиме во исто, дури и можеби и подобро издание на следниот меч против Шкупи.“- изјави Ратко Достаниќ за клупскиот сајт на Работнички.

Работнички викедов го дочекуваат Шкупи во 11 коло од ПМФЛ со желба за трета овосезонска победа.