Поранешниот селектор на сениорската македонска репрезентација, Драган Канатларовски ќе биде нов селектор на нашите младински категории. Ова е одлуката на Управниот Одбор на ФФМ донесена на денешната седница.

Канатларовски се враќа во македонскиот фудбал по пауза од 12 години. Битолчанецот со интернационално искуство и поранешен репрезентативец на Македонија е среќен што ќе има можност да придонесе за развој на младинскиот фудбал.

„Можеби за некои моето назначување за селектор на македонската репрезентација до 15 години е изненадувачки, но сите кои ме познаваат, знаат дека јас сум во фудбалот поради фудбалот, а не заради функциите. Во изминатиот период имав прилика да гледам дел од натпреварите на младиските национални тимови, запознаен сум со условите за работа, ме радува тоа што секоја селекција се третира на високо ниво, со голем број натпревари и се надевам дека заедно со луѓето од федерацијата ќе работиме да бидеме уште поконкурентни и да создаваме фудбалери кои ќе напредуваат во различни возрасни категории.“ – изјави Драган Канатларовски за официјалниот сајт на ФФМ.

Претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини му посака добредојде на Канатларовски и најави дека вложувањето во младинските категории може да осигураат успешна иднина на македонскиот фудбал.

„Неговото знаење и искуство е исклучително важно и се надевам дека на вистински начин ќе им го пренесе и на младите фудбалери. Ние како федерација ќе им овозможиме најдобри услови за подготовка и натпревари, како што впрочем тоа го правиме со секоја национална селекција. Му посакувам многу успех во работата“ – изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини за официјалниот сајт на фудбалската федерација.