Напаѓачот на Аталанта Јосип Иличич ќе го пропушти четвртфиналниот натпревар против ПСЖ во Лигата на шампиони  поради здравствени причини, откако Словенецот западнал во тешка депресија.

Веста ја објави римскиот весникот „Република“ ставајќи крај на бројните шпекулации кои кружеа околу причините поради кои клубот од Бергамо минатата недела само кратко објави дека поради „приватни  проблеми“ Иличич нема да конкурира за место во тимот за историскиот натпревар против ПСЖ.

Весникот наведува дека Иличич западнал во „тежок облик на депресија“ предизвикана од животот во услови на карантин кој беше воведен во Италија поради коронавирусот .

Иличич наводно тешко го погодила трагедијата која ја преживеа Бергамо, како најпогоден град во земјата од корона вирусот, во кој во екот на пандемијата животот за еден месец го загубија 4.500 луѓе.

„Тој е страшно добар играч, полн со самодоверба на теренот, но надвор од него станува збор за кревка и емотивна личност“, ја пренесува „Република“ – изјавата на поранешен соиграч на Иличич, не наведувајќи го неговиот идентитет.