Најдобрите македонски фудбалери Елиф Елмас и Горан Пандев денеска ги очекуваат обврски во своите клубови Наполи, односно Џенова во рамки на вонредното 10 коло од Серија А.

Елмас и Наполи ја дочекуваат Аталанта во дерби мечот, а според последните најави македонскиот дијамант треба да е дел од почетните 11 на Наполи. „Наполитанците“ бркаат победа со која би се изедначиле со денешниот ривал на првенствената табела, а македонскиот репрезентативец има можност да го поправи впечатокот од претходниот меч со Спал кој не го одигра на препознатливото ниво.

За разлика од Наполи, Џенова и Пандев им гостуваат на шампионот Јувентус по победата над Бреша во претходната рунда. Капитенот на македонската репрезентација ја покажа својата класа на тој меч и по неговото влегување во игра Џенова направи пресврт, а Пандев беше автор на прекрасен погодок во финишот на мечот. Новиот тренер на Џенова и поранешен соиграч на Пандев, Тиаго Мота најави дека струмичанецот ќе биде во почетната постава.