Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас денеска и официјално беше претставен како ново засилување на Наполи.

На официјалната промоција во тренинг-кампот Димаро тој уште еднаш потенцираше дека е горд што станува дел од овој италијански гигант, предводен од врвен стратег како Карло Анчелоти.Во новиот тим Елмас ќе го носи дресот со број 12.

„Среќен сум што дојдов овде, чест ми е што станувам дел од големото семејство на Наполи. За мене е сон да ми биде тренер некој како Карло Анчелоти, желба ми е да научам што повеќе од овој врвен стратег“ – истакна Елмас.

Тој станува втор Македонец што го облекува дресот на Наполи, по капитенот на нашата репрезентација, Горан Пандев.

„Се слушнав со Пандев по потписот, ме советуваше секогаш да го почитувам овој дрес, бидејќи доаѓам во едно големо семејство. Неапол бил опасен град? Не знам, уште немам видено ништо, но низ градот ќе шетам со Мертенс“ – се пошегува македонскиот фудбалер на промоцијата.

На промоцијата беше запрашан зошто ја земал 12-ката за да ја носи на дресот :

„Зошто бројот 12? Сакав да бидам малку посебен“, им откри Елмас на италијанските новинари.