Комисијата за натпреварување при ФФМ, донесе предлог одлуки за решение за рестарт на сезоната во ПМФЛ, одлуката е плеј офф без испаѓање.

Комисијата за натпреварување во ФФМ ќе предложи продолжување на првенството во термин од 14 до 21 јуни, а за предложените датуми ќе се информираат и во координативниот кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус ковид-19, безбедноста е приоритет на ФФМ.

Сезоната ќе заврши со плеј оф без испаѓање, предлог има и за завршницата на Купот.

„Одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плеј-оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по крајот од плеј-офот се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања. Плеј-аут (последно пласираните четири екипи по завршување на третиот круг) БЕЗ ИСПАЃАЊЕ на последните две екипи по крајот од плеј-аут фазата. Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања“ – се вели во соопштението на ФФМ.

Соопштението на ФФМ го пренесуваме во целост:

Комисијата за натпреварување во рамки на Фудбалската федерација на Македонија на денешниот состанок донесе предлог одлуки за продолжување на натпреварувачката сезона 2019/2020 од Прва МФЛ која беше прекината во март поради епидемијата COVID-19.

По двата состаноци во „Ќука на фудбалот“ со претставници на клубовите од Прва МФЛ и имајќи ја в предвид епидемиолошката ситуација во државата, одобрувањето за продолжување на натпреварувањето, Комисјата за натпреварување го донесе по препорака и на Институтот за јавно здравје, чии претставници го потврдија здравствениот протокол за враќање на фудбалските екипи од Прва МФЛ на тренинзите и натпреварите со целосна одговорност, враќањето на теренитe да биде максимално сигурно за сите учесници.

Како резултат на неизвесноста која во македонскиот фудбал ја донесе здравствената криза предизвикана од пандемијата COVID-19, во изминатиот период Фудбалската федерација на Македонија имаше цел да направи се што може успешно да се заврши натпреварувањето во Прва МФЛ, пред сѐ од спортски причини, но и затоа што на овој начин праќаме порака со охрабрување до фудбалското семејство – враќањето на фудбалот сигурно е одличен знак дека продолжуваме со секојдневните задачи и обврски, но исто така праќаме силна порака и до УЕФА дека сме успеале да ја избегнеме „црната фудбалска зона“ во која влегоа само неколку држави кои решија да ја прекинат фудбалската сезона, а речиси сите држави од нашиот регион според своите услови ги продолжуваат националните првенства.

Натпреварувачката комисија во ФФМ, заедно со раководството на федерацијата, одговорно и транспарентно, почитувајќи ги препораките на претставниците на клубовите предложи три можни сценарија за завршување на сезоната и донесе одлука првенството да се доигра во скратен систем, односно по предлогот кој беше најприфатлив за повеќето од клубовите во Прва МФЛ.

–  Одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плеј-оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по крајот од плеј-офот се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања. Плеј-аут (последно пласираните четири екипи по завршување на третиот круг) БЕЗ ИСПАЃАЊЕ на последните две екипи по крајот од плеј-аут фазата. Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања;

Комисијата за натпреварување во ФФМ ќе предложи продолжување на првенството во термин од 14. до 21. јуни, а за предложените датуми ќе се информираат и во координативниот кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Корона вирус CoVid-19.

Сите натпревари ќе се играат без присуство на гледачи на стадионите, а ќе биде ограничен и бројот на присутни лица кои ќе бидат дел од организацијата на натпреварите.

Исто така, фудбалерите, стручните штабови и сите други лица вклучени во тимовите, како и официјалните лица на натпреварите се обврзани да го почитуваат здравствениот протокол за одигрување на натпревари.

Екипите од Втора МФЛ нема да го продолжат натпреварувањето од сезоната 2019/2020, а Комисијата за натпреварување препорачува истото да го следат и тимовите од Трета МФЛ, како и останатите пониски лиги.