Откако беше најавена промената на форматот на Европското првенство, проширувањето на Лигата на шампионите, исфрленото правило за гол во гости, стигнуваат уште некои промени во фудбалската игра. Поубаво кажано барем засега се врши тестирање.

На турнирот на младите тимови на ПСВ Ајндховен, АЗ Алкмар, РБ Лајпциг и Бриж, ќе се игра по нови правила, а реакциите на публиката и актерите ќе бидат показатен дали ФИФА треба да размислува за промени или не.

Наместо досегашните два пати по 45 минути, ќе се игра два пати по 30, со тоа што времето ќе се стопира при секој прекин на играта. Аутот ќе се изведува со нога, како би се зголемил процентот за гол шанса. Од слободен удар ќе биде дозволено да се тргне и во дриблинг без претходно додавање. Бројот на измени ќе биде неограничен, а играчот кој ќе добие жолт картон ќе мора да напушти играта на пет минути.

На фудбалските фанови ова им звучи привлечно, јасно е дека новите правила би ја промениле играта која ги освои срцата на луѓето ширум светот, но како и секогаш, јавноста нема да ја донесе конечната одлука, туку тука сигурно ќе се прашуваат и спонзорите, односно оние кои даваат пари.