Управата на Ренова одлучи со соопштение до јавноста да го образложи својот став по однос на најавата за рестарт на ПМФЛ со плеј-оф и плеј-аут без испаѓање.

Од Ренова испратија и неколку прашања во однос на можноста да се појави заразен со Ковид-19 меѓу играчите, што тоа би значело и исто така посочија дека без разлика на се тие ќе мора да ја почитуваат одлуката на клубоите и на ФФМ.

Соопштението на ФК Ренова ви го пренесуваме во целост:

„По одлуката од натпреварувачката комисија за продолжение на сезоната, како клуб сакаме да го искажеме нашиот став на оваа тема. За разлика од некои други, кои имаа еден став во понеделник (28 мај), а друг во петок (22 мај), ние стоевме на истиот принцип од самиот почеток – дека нема услови за продолжение на сезоната, но ќе мораме да ја почитуваме донесената одлука. 

Зошто мислиме дека нема услови? Бидејќи најважно за нас е здравјето на фудбалерите и нивната заштита од Ковид-19, а Тетово и регионот се едно од жариштата на вирусот. Исто така, по ваква долга пауза зачестуваат повредите, само за пример: во Бундес-лигата по првото коло бевме сведоци на девет сериозни повреди. За жал, во овој случај играчите кои се клучни и многу важни актери се третирани како робови. Некој нека ни каже дали постои тренер – волшебник кој може да го подготви тимот за првенствени средби со само 11 групни тренинзи. Во период од 40 дена треба да одиграме девет средби во првенството и две во Купот на Македонија, и тоа на високи температури во месец јули.

Комесарот за натпреварување се обидува да го оправда системот со плејаут без испаѓање од лигата, иако истиот тој комесар се спротивставуваше на оваа идеја на првиот состанок со клубовите на 18 мај. Сакаме да му поставиме неколку прашања на комесарот, за да нема дупки во законот и нечисти игри кога шампионатот ќе продолжи:

Што ќе се случи ако се појави позитивен фудбалер на Ковид-19, бидејќи епидемиологот присутен на вториот состанок најави дека тоа ќе значи целосен крај на шампионатот?

Што ако некој клуб по само еден или два натпревари се најде на позиција на табелата што ја посакува, па се појави со позитивен случај само за да го запре првенството?

Кој е протоколот за враќање на странските играчи, со оглед на мерките за 14-дневнa изолација?

За што ќе играат четирите екипи во плејаут-натпреварувањето, дали овие средби ќе предизвикаат големи сомнежи.

Со оглед на состојбите на клубовите, дали некој може целосно да го испочитува протоколот подготвен од ФФМ?

Ова се само дел од прашањата што се поставувааат, бидејќи има премногу неизвесни работи во целата ситуација. Се надеваме дека на крајот ќе победи фудбалот, а не нечистите игри.“ – соопштуваат од ФК Ренова.