Диего Форлан неодамна ја заврши својата фудбалска кариера, а сега открива сочни детали од соблекувалната на Манчестер Јунајтед за кого играше од 2002 до 2004 година.

Тој вели дека Кристијано Роналдо е егоист, а потврдува и дека Сер Алекс Фергусон му ја скршил аркадата на Дејвид Бекам.

„Роналдо беше егоист во соблекувалната, но не како Бекам. Роналдо секогаш сакаше да биде пред огледалото. Би поминал цел ден гледајќи го својот одраз во огледалото.“ – открива легендарниот уругвајски фудбалер.

Форлан открива и што се случило во соблекувалната по поразот на Јунајтед од Арсенал во ФА Купот и дека Сер Алекс Фергусон не бил задоволен од играта на Бекам.

„Фергусон беше многу лут. Се караа со Бекам и навредите беа се потешки и потешки. Секој од нив сакаше неговиот збор да е последен. Кога Фергусон се сврте да си замине, Бекам нешто дофрли, по што тренерот се сврте и следно што видов беше копачка која лета и го погодува Бекам во аркадата. Видовме дека почна да тече крв. Беа подготвени да се степаат, но играчите ги спречија.“ – раскажува Форлан.

Тој вели и дека Фергусон му рекол на натпреварот против Челси да облече копачки со метални чепови бидејќи тревата била водена. Фудбалерот не го послушал, а на натпреварот го промашил голот бидејќи се лизнал. Ова вели, бил неговиот последен натпревар за Јунајтед.