Благоја Милевски на денешната официјална промоција за нов селектор на сениорската фудбалска репрезентација на Македонија порача дека оваа генерација со мали измени може да стигне до големи резултати во меѓународни рамки.

Новиот селектор најави промени во националниот тим, Дарко Чурлинов отсега ќе игра за А-селекцијата, со Адис Јаховиќ е разговарано, тој е на располагање.

„Дарко Чурлинов во У21 покажа потенцијал и квалитет така да ќе биде приклучен во А тимот, на него останува да се наметне, дали ќе биде конкурентен со сите, јас верувам во тоа. Со Адис Јаховиќ веќе остварив средба, и не само со него туку и со поголемиот дел од потенцијалните репрезентативци. Адис се стави на располагање ако е потребно за фудбалската репрезентација. Се надевам дека сите ќе биде конкурентни во своите клубови а со тоа ќе се наметнат и за повик во репрезентацијата.“ – објасни Милевски пред новинарите на денешната промоција.

Како што потенцираше претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, новиот селектор ќе има задача да ја одведе селекцијата на следното ЕУРО, секако желбата е и Мундијалот во Катар, но притисок резултатски ќе нема, ова е нова ера во македонскиот репрезентативен фудбал, сакаме континуитет на успеси и настапи на големите натпреварувања.