Елиф Елмас се запиша во историјата на македонскиот клубски фудбал како играчот за кој е платена најголемата трансфер оштета. Ова го потврди Никола Ѓошевски еден од агентите кои работеа на трансферот на Елиф од Фенербахче во Наполи.

„Среќни сме да Ви соопштиме дека Елиф Елмас официјално му се приклучи на Наполи и потпиша петгодишен договор. Сакаме да му се заблагодариме на Фенербахче за се што направи за Елиф. По долги и тешки преговори најдовме заеднички јазик за 19 милиони евра (16 милиони веднаш + 3 милиони во бонуси). Ова е нов рекорд за македонскиот фудбал и нов за Фенербахче за продажба на млад играч. Му посакуваме многу успеси на Елиф Елмас и на Наполи и многу заеднички титули“ – напиша Ѓошевски на неговиот Фејсбук профил.

За време на потпишувањето на договорот присуствуваше и првиот тренер на Наполи, Карло Анчелоти како и сопственикот на клубот, Аурелио Де Лаурентис кој прв ја соопшти убавата вест.