Европскиот првак Вардар немаше сили за вистински да му се спротистави на Веспрем во натпреварот од 10 коло од групата Б во Лигата на шампионите. Црвено-црните загубија во „Јане Сандански“ со 29:38 и по ова останаа на шестото место на табелата.

Веспрем одлично го започна натпреварот и за кратко време се избори за плус седум 2:9 и оваа разлика успеа да ја одбрани до крајот на полувремето (15:22).

Во вториот дел Вардар не најде начин и против игра за расположениот гостин кој сосема заслужено се израдува на седмата овосезонска победа во Лигата на шампионите.

Најефикасен во редовите на Вардар беше Атман со седум гола, Калараш и Чупиќ постигнаа по четири, а Скубе, Пелко, Шишкарев и Дибиров дуелот го завршија со по три гола.

Вардарци сега ги очекуваат завршните предизвици во СЕХА конкуренцијата, во ЛШ следува пауза, во следното коло црвено-црните ќе му гостуваат на Кил на 2 февруари 2020 година.